The Noble Qur'an Encyclopedia
Towards providing reliable exegeses and translations of the meanings of the Noble Qur'an in the world languagesThe wind-curved sandhills [Al-Ahqaf] - Macedonian translation - a group of Macedonian scholars
Surah The wind-curved sandhills [Al-Ahqaf] Ayah 35 Location Maccah Number 46
1. Ха-мим!
2. Објавувањето на Книгата е од Аллах, Силниот и Мудриот!
3. Ние небесата и Земјата и тоа што е меѓу нив со Вистината ги создадовме и до рокот одреден, но неверниците ги вртат главите од тоа со што се опоменуваат.
4. Кажи: „Што мислите за тие на коишто, покрај Аллах, им се молите? Покажете ми кој дел од Земјата го создале, и дали имаат некаков удел во небесата? Донесете ми ја Книгата објавена пред оваа или само некаков остаток од знаењето, ако вистината ја зборувате.“
5. Кој е во поголема заблуда од тие што, наместо на Аллах, им се клањаат на оние кои до Судниот ден нема да им се одѕвијат и кои се рамнодушни кон нивните молби.
6. Кога луѓето ќе бидат собрани, тие ќе им бидат непријатели и ќе негираат дека ги обожувале.
7. А кога овие Наши јасни ајети им се кажуваат, тогаш тие што не веруваат зборуваат за Вистината штом ќе им дојде: „Ова е вистинска маѓија!“
8. Зарем тие да велат: „Тој го измислува!“? Кажи: „Па, ако го измислувам, вие немате ни малку моќ од Аллах да ме одбраните; Тој добро знае што зборувате за Куранот. Тој ни е доволен сведок и мене и вам; Тој простува и Милостив е.“
9. Кажи: „Јас не сум прв Пратеник и не знам што ќе биде со мене или со вас; јас го следам само тоа што ми се објавува и должен сум само отворено да опоменувам.“
10. Кажи: „Кажете ми што ќе биде со вас ако тој, Куранот, е од Аллах, а вие во него не сакате да верувате, и ако еден од синовите Израилови посведочи дека и тој е од Аллах, па и тој поверува, а вие се вообразите?“ Аллах навистина нема да му укаже на Вистинскиот пат на народот кој себеси неправда си чини.
11. И неверниците за верниците велат: „Да е некаква добрина, тие во неа нас не би нè претекнале.“ А зашто со помош на него вистинскиот пат не го најдоа, сигурно ќе речат: „Ова е дамнешна измислица.“
12. Книгата на Муса беше водич и милост пред него. А ова е Книга на арапски јазик која неа ја потврдува, за да ги опомене тие што прават лошо и за да ги израдува тие што прават добро.
13. Тие што велат: „Наш Господар е Аллах!“ – и ќе истраат на Вистинскиот пат, нека не се плашат од ништо и нека не тагуваат за ништо!
14. Тие жители ќе бидат на Џенетот и во него вечно ќе престојуваат, и тоа ќе им биде награда за тоа што го правеа.
15. Човекот го задолживме на родителите свои добро да им прави; мајката негова со мака го носи и со мака го раѓа! А неговото носење и доење е триесет месеци. Па кога ќе ја достигне зрелоста своја и кога ќе наполни четириесет години, тој ќе рече: „Господару мој, упати ме да Ти бидам благодарен на Твојата благодат, која што си ми ја подарил мене и на моите родители, и да правам добро со коешто си Ти задоволен, и направи ги добри потомците мои! Јас навистина пред Тебе се покајувам и јас сум муслиман, предан на Тебе.“
16. Ете, од таквите ќе ги примиме Ние добрите дела кои ги правеа, а преку лошите постапки нивни ќе поминеме; тие ќе бидат од жителите на Џенетот, ќе го исполниме вистинитото ветување кое им е дадено.
17. А тој што на родителите свои ќе им каже: „Уф, од вас, што ми ветувате, зарем ми се заканувате дека ќе бидам оживеан кога пред мене толкави народи исчезнале!“ – а тие двајца довикувајќи го Аллах на помош, велат: „Тешко тебе, верувај! Аллаховото ветување, навистина, ќе се оствари!“ Тој одговара: „Тоа се измислици на древните народи!“
18. Тоа се тие над кои треба да се исполни Зборот кажан за древните народи: џините и луѓето кои пред нив беа и исчезнаа, тие, навистина, се губитници.
19. За сите ќе има посебни степени според тоа што го правеле; да ги награди или да ги казни за делата нивни – неправда нема да им се стори.
20. А на Денот тие што не веруваа пред Огнот ќе бидат изложени, ќе речат: „Вие во својот живот на Земјата сите свои наслади ги искористивте и во нив уживавте, а денес со срамно страдање ќе бидете казнети затоа што на Земјата, без никаква основа, вообразено се однесувавте и затоа што грешевте.“
21. И спомни го братот на Ад, кога народот свој во Ахкаф го опоменуваше – а имаше и пред него и по него опоменувачи: „Не обожувајте никого освен Аллах! Јас, навистина, стравувам дека ќе бидете во маки на Големиот ден!“
22. Тие одговараа: „Зарем ни дојде нам за од божествата наши да нè одвратиш. Нека се исполнат, ете, заканите твои, ако вистината ја зборуваш!“
23. „Само Аллах знае кога ќе биде тоа!“ – Рече тој – „јас ви го кажувам тоа што ми се објавува, а вие сте, гледам, народ кој се оддал во незнаење.“
24. И кога ја здогледаа (заканата) во вид на облак на хоризонтот, кој кон долините нивни се движеше, повикаа: „Овој облак ни носи дожд!“ – „Не, тоа е тоа што го избрзуваа: ветер кој болно страдање ви носи,
25. кој според одредението на Господарот свој сè руши.“ И наутро се видоа само празните живеалишта нивни; така Ние го казнуваме злосторничкиот народ.
26. Ним им дадовме можности кои вам не ви ги дадовме; и слух и вид и разум им дадовме, но ниту слухот нивен, ниту видот нивен, ни разумот нивен од никаква корист не им беа, бидејќи Аллаховите докази ги негираа – и од сите страни ги опкружи тоа на што се исмејуваа.
27. Некои градови околу вас уште одамна ги уништивме, а им ги објаснивме на разни начини доказите, со надеж да се покајат.
28. А зошто не им помогнаа тие кои, покрај Аллах, ги прифатија да им бидат посредници и богови? Но, нив ги немаше. Тоа беа само нивни клевети и лаги.
29. Кога ти пративме неколку џини да го слушаат Куранот, кога дојдоа да го чујат, рекоа: „Молчете и слушајте!“ А кога се заврши, се вратија кај народот свој да опоменуваат.
30. „О, народе наш“ – говореа тие – „ние ја слушавме Книгата која по Муса се објавува, која потврдува дека се вистинити и тие пред неа, и која кон Вистината и на Правиот пат упатува.
31. О, народе наш, одѕвијте му се на Аллаховиот гласник и верувајте во Аллах, Тој некои од вашите гревови ќе ви ги прости и од страдањето неиздржливо ќе ве заштити!“
32. А тие што нема да му се одѕвијат на Аллаховиот гласник, таквите на Земјата нема да избегаат и освен Него заштитник нема да најдат. Тие се во јасна заблуда.
33. Зарем не знаат дека Аллах – Кој небесата и Земјата ги создаде и Кој не се измори создавајќи ги – е кадарен да ги оживее мртвите? Да, Тој може сè.
34. А на Денот кога тие што не веруваа пред огнот ќе бидат застанати: „Зарем ова не е вистина?“ – ќе одговорат: „Да, се колнеме во Господарот наш!“ – „Е па искусете ја казната“ – ќе рече Тој – „бидејќи постојано негиравте“.
35. Ти издржи како што издржаа одлучните Пратеници и не барај казната што побргу да им дојде! А оној Ден кога ќе го доживеат тоа што им се ветува, ќе им се пристори дека останале само еден час од денот! Ова е известување! А зарем некој друг ќе биде уништен, освен народот грешнички?